Рубио: Трпението на Трамп кон Путин се исцрпува
Американскиот претседател Доналд Трамп е сè поразочаран од недостигот на напредок во мировните преговори со Русија и е подготвен да воведе драстични економски мерки, изјави државниот секретар Марко Рубио во интервју за „Фокс Њуз“, јавува БГНЕС.
Според Рубио, главен приоритет на претседателот е ставање крај на конфликтот што го „наследил“ од претходната администрација. И покрај „конструктивните телефонски разговори“ со рускиот лидер Владимир Путин, напредокот е минимален. „Трамп губи трпение и не е подготвен бесконечно да чека Русија да преземе конкретни чекори“, нагласи Рубио.
Тој предупреди дека доколку во следните 50 дена не се постигне мировно решение, САД би можеле да воведат 100% царини на сите руски производи, што би било најостра економска мерка досега.
Рубио посочи и на високата човечка цена на конфликтот, откривајќи дека од почетокот на годината загинале над 100.000 руски војници. Тој ја обвини Москва дека користи „тактики за одолговлекување“ за да ја продолжи војната.
Државниот секретар ја нагласи и загриженоста на Вашингтон за растечката соработка меѓу Русија, Кина и Иран. Кина, според него, ѝ помага на Русија преку купување нафта и друга економска и логистичка поддршка, без која Путин „не би можел да ја одржи војната“. Рубио предупреди дека Пекинг има интерес конфликтот да продолжи за да го одвлече вниманието на САД од други региони од стратешко значење.
Тој ја истакна и улогата на Иран, кој традиционално добива поддршка од Кина, вклучувајќи нафтени договори и одбранбени технологии. Според Рубио, последните демонстрации на американска воена моќ, како мисиите со стратешките бомбардери B-2, испратиле сигнал до овие држави за „исклучителните воени способности на САД“ и ги натерале да бидат повнимателни.
Иако Рубио предупреди на сериозните предизвици во односите со Кина, тој истакна дека одржувањето на отворен дијалог е клучно за да се избегнат недоразбирања и да се пронајдат можности за соработка, особено во контекст на долгорочниот трговски дисбаланс, каде што, според него, кинескиот пазар останува „затворен“ за американските компании.
„Ќе одржуваме коректни односи со Пекинг, но приоритет остануваат американските интереси каде што постојат несогласувања“, заклучи Рубио.
