Желјазков: Европската солидарност се активира веднаш, ЕУ ни помага да ги изгаснеме пожарите
Четири хеликоптери од Чешка, Словачка, Унгарија и Франција и два авиони од Шведска ќе се вклучат во гаснењето на пожарите на територијата на Бугарија. Ова го соопшти бугарскиот премиер Росен Желјазков. Бугарија ќе добие помош за гаснење на пожарите преку Механизмот на ЕУ за цивилна заштита, кој беше активиран вчера. Премиерот истакна дека е очигледно дека европскиот механизам функционира и европската солидарност преку земјите членки се активира веднаш.
Премиерот Желјазков повторно ги повика граѓаните да бидат внимателни при активности што можат да предизвикаат пожар, особено околу своите домови, и да не фрлаат неизгасени цигари. „Ги повторуваме мерките со години, но сè уште 95% од пожарите се поради човечка невнимателност“, посочи бугарскиот премиер.
Во гаснењето на пожарите денес се вклучуваат два хеликоптери на бугарските вооружени сили, опремени со т.н. „бамби бакет“, како и 50 војници од Бугарската армија.
Најтешка е ситуацијата во регионите на трите пожари – кај Струмјани, во реонот на Трн, како и до Лесово. Таму огнот премина на територијата на Турција. Гаснењето на пожарите се врши од двете страни на границата.
„Немаме податоци за човечки жртви и повредени граѓани, ниту пожарникари. Штабот, кој работи, постојано ја следи состојбата“, истакна премиерот Желјазков.

