| |

Режимот на Путин ги вклучи во „црн список“ бугарски премиери и министри за русофобија

Двајца поранешни бугарски премиери и двајца министри за одбрана, вклучително и актуелниот – беа вклучени во официјален список на руското Министерство за надворешни работи како примери за „најекстремни манифестации на русофобична реторика“, пренесе БГНЕС.

Списокот, објавен на веб-страницата на МНР на Русија во секцијата „Примери за манифестации на русофобија“, цитира јавни изјави на поранешниот министер за одбрана Тодор Тагарев, на поранешниот премиер Николај Денков, на техничкиот премиер Димитар Главчев и на актуелниот министер за одбрана Атанас Запрјанов.

Публикацијата е насловена „Примери на изјави на официјални лица и претставници на елитите на западните држави во однос на Русија, во кои се користи „говор на омраза“, 2024 година“.

Меѓу обвинувањата упатени од Москва се повиците на Тагарев за борба против руската пропаганда во бугарските медиуми и училишта, изјавите на Денков за едностраното претставување на Русија во учебниците по историја, како и ставовите на Главчев и Запрјанов во поддршка на Украина и за зајакнување на улогата на НАТО во Црноморскиот регион.

Од Министерството за надворешни работи на Русија нагласуваат дека вклучените цитати во списокот демонстрираат „говор на омраза“ кон Русија и се дел од „широка кампања за дискредитација на државата“.

Документот не претставува формален санкциски список, но е во контекст на напорите на Москва да систематизира и објавува јавни изјави на политичари од странство, кои според неа водат до „непријателски ставови кон Русија“.

Слични Објави