Софискиот универзитет и Бугарската национална телевизија започнаа заеднички проект по повод 150-годишнината од борбите на врвот Шипка
Тим од новоформираниот Институт за геопросторни истражувања и технологии при Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ и Бугарската национална телевизија започна заеднички проект посветен на 150-годишнината од борбите на врвот Шипка во Бугарија за време на ослободителната војна меѓу Руската и Османлиската империја (1877-1878).
Целта е на проектот е со современи геопросторни технологии што поверодостојно да се реконструира теренот на кој се одвивале борбите на врвот. Научните резултати ќе бидат искористени за документарен филм на Бугарската национална телевизија.
Во проектот ќе се применуваат воздушно ласерско скенирање, беспилотни летала и високопрецизна фотограметрија. Со дигитално отстранување на денешната шумска вегетација ќе се анализираат релјефот, видливоста, проодноста и другите карактеристики на бојното поле во услови блиски до оние од 1877 година.
Истражувањата ќе се темелат на историски извори, архивски материјали и современи геопросторни податоци. Во тимот учествуваат проф. д-р Стелијан Димитров, Владислав Тренкин, д-р Чавдар Ангелов и мајор Дочо Николов, а подоцна ќе се приклучат и други експерти.
Првата теренска фаза е успешно завршена. Следуваат нови експедиции, снимања и анализи на клучни делови од Шипченскиот Премин, кои ќе послужат за просторна реконструкција на борбените дејства.
