(Видео) Бранови цунами во Јапонија по силниот потрес во Русија, наредена евакуација на 2 милиони луѓе
Властите во Јапонија апелираа до повеќе од 1,9 милиони луѓе да се евакуираат на безбедно место откако цунами брановите почнаа да го погодуваат брегот на земјата. Иако брановите се значително помали од првично предвидените, низ целата земја беа регистрирани прекини во сообраќајот.
Јапонската агенција за управување со пожари и катастрофи издаде наредби за евакуација за вкупно 1.905.596 жители во 21 префектура. Најголем број луѓе беа евакуирани во префектурите Хокаидо, Канагава и Вакајама.
Првите бранови го погодија најсеверниот остров во Јапонија, Хокаидо, каде што снимките покажаа жители кои бараат засолниште на покривите на зградите. Во среда наутро, сирените за предупредување за цунами се огласија во делови од островот.
Според податоците на Јапонската метеоролошка агенција, бранови со висина од 30 до 50 сантиметри се регистрирани по должината на источниот брег, кои се приближувале кон пошироката област на Токио. Ова е значително пониско од првичните прогнози, кои предвидуваа бранови високи до три метри, но агенцијата предупредува дека ситуацијата може да се промени и дека може да следат дополнителни бранови.
Поради опасноста, имаше и прекин во сообраќајот. Меѓународниот аеродром Сендај, кој се наоѓа на брегот на Пацификот северно од Токио, ја затвори својата писта. Услугите со ферибот од Хокаидо, Аомори и Токискиот Залив се исто така прекинати.
Нуклеарната централа Фукушима, која се наоѓа јужно од Сендај и беше тешко оштетена во земјотресот и цунамито во 2011 година, соопшти дека нема пријавени проблеми. Компанијата за електрична енергија во Токио (TEPCO), која управува со централата, објави дека целиот персонал е евакуиран на повисоки места и дека нема повредени или какви било неправилности во работењето на централата.МАКФАКС.

