Четири домашни банки ќе ги намалат надоместоците за платежни услуги по иницијатива на гувернерот Славески
Трите најголеми банки и една средна банка во земјава ќе ги намалат надоместоците за платежни услуги за граѓаните и компаниите, информираше гувернерот на Народната банка, Трајко Славески. Овој потег доаѓа по негова иницијатива, со цел намалување на трошоците за извршување на плаќања и зголемување на пристапноста до банкарските услуги.
Славески изрази очекување дека и другите средни и мали банки ќе го следат примерот. Намалувањата, според него, се особено важни за електронските и мобилните плаќања, како и за трансакциите преку платните системи КИБС и МИПС кои се реализираат во реално време.
„Се повеќе банки ги нудат бесплатно плаќањата извршени преку нивните дигитални канали. Има и намалувања на надоместоците за повлекување готовина, преписи на документација и издавање потврди“, изјави гувернерот.
Дополнително, Народната банка ќе покрене законска иницијатива за олеснето користење на платежната сметка со основни функции. Со предложените измени, ќе се овозможи дозволено пречекорување, како и користење на оваа сметка без потреба од затворање на други денарски сметки. Се предлага цената на овие услуги да биде ограничена на 0,1% од минималната бруто плата, односно 36 денари месечно, додека за ранливите категории ќе бидат бесплатни.
Славески потсети дека високите надоместоци се бариера за граѓаните со пониски приходи и ги тераат да се потпираат на готовина, наместо на официјални платежни канали. Тој посочи дека надоместоците за одржување на сметка и користење на е-банкарство се значителен товар, особено за малите и средните компании, и треба да бидат укинати или намалени, по примерот на банките од ЕУ.
Гувернерот побара и намалување на надоместоците за меѓубанкарски плаќања во домашна валута, како и за подигнување готовина на банкомати на други банки, во земјата и странство.
Според податоците на Народната банка, нето-приходите од надоместоци учествуваат со дури 18% во вкупните нето-приходи на банките, а овој извор на добивка континуирано расте во последните неколку години.
