Желјазков: Секој Бугарин низ вековите бил автор на бугарското творештво
„Секој Бугарин низ вековите бил автор на бугарското творештво, секој од вас денес е автор на тоа творештво“. Со овие зборови бугарскиот премиер Росен Желјазков го отвори XIII Национален собир на народното творештво во Копривштица, јавува БГНЕС.
Премиерот истакна дека е горд поради фактот што е патрон на настанот, кој, според него, одамна ја надминал рамката на обичен фестивал. „Ова е собир на Бугарите, на кој со песна, танц, збор и носија го прикажуваме нашиот дух, нашата традиција и погледот кон иднината, поткрепен со минатото вградено во нашиот ген. Тука се и радосната и херојска, но и тажната судбина на нашиот народ, преточени во песни и танци“, рече Желјазков.
Тој истакна дека бугарската песна е мешавина од лирика и еп, со многу елегичен тон поради историската судбина, но и со горди јуначки и убави љубовни мотиви. „Денес сите ќе уживаме во неповторливиот бугарски танц, кој е дел од секој народен настан. Нема свадба, крштевка, роденден или собир без правото оро“, додаде премиерот.
Желјазков им посака на учесниците и гостите радост од заедништвото, во прекрасната природа околу Копривштица, и изрази надеж дека собирот ќе продолжи да живее.
Оваа година Националниот собир слави јубилеј – 60 години од неговото прво одржување. Настанот нуди сцена за изведувачи од цела Бугарија да го прикажат своето мајсторство во пеење, играње, музика и обредни практики, кои ја претставуваат културната разновидност на земјата. Собирот е впишан во Регистарот на добри практики за зачувување на нематеријалното културно наследство на УНЕСКО.
Владата го поддржа одржувањето на настанот со 350.500 лева преку буџетот на Министерството за култура, а Општина Копривштица доби дополнителен трансфер од 290.000 лева за организација и за учество на бројни носители на традициите.
