АВМУ започнува мониторинг на медиумите пред локалните избори во октомври
По распишувањето на локалните избори закажани за 19 октомври 2025 година, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги започна секојдневен мониторинг на деветте телевизиски програмски сервиси со најголем дневен досег до публиката, додека останатите ќе се следат по поднесени претставки.
Во периодот пред изборната кампања, радиодифузерите треба да известуваат објективно и непристрасно, со еднаков третман на различни гледишта и без поттикнување омраза. Известувањето за редовните активности на државните и локалните органи не смее да се користи за промоција на политички субјекти.
Јавниот сервис и националните телевизии треба да обезбедат пристапност за лицата со сетилна попреченост, а за содржините да ја информираат Агенцијата навремено. Од денот на распишување на изборите до почетокот на кампањата е забрането емитување реклами финансирани од државниот буџет и платено политичко рекламирање, освен за собирање потписи за кандидатури. Новинарите и водителите не смеат истовремено да бидат дел од медиумски и предизборни активности.
Медиумите кои ќе емитуваат платено политичко рекламирање мора да се регистрираат во Државната изборна комисија до 12 август, а ценовниците да ги достават до ДИК, ДЗР, ДКСК и АВМУ најдоцна до 14 август 2025. Агенцијата постави и посебен банер на својата веб-страница со релевантни материјали, достапен на македонски, албански и англиски јазик, кој ќе се ажурира во текот на целиот изборен процес.

