Се одржа 18-тиот „Марш на ангелите во Кочани“- учесници во протестот велат дека луѓе од други градови што сакале да дојдат на протестот биле задржани 20-на минути на влезот од градот од страна на полицијата
Во Кочани се оддржа 18-тиот „Марш на ангелите“. Во маршот учествуваа семејствата на жртвите и поддржувачи. Денеска се навршуваат точно пет месеци по страшната трагедија, пожарот во дискотеката „Пулс“ кој однесе со себе 62 животи, а 200 луѓе беа физички и психички повредени.
„Се навршија пет месеци од најтешкиот ден во нашите животи. Пет месеци празнина во срцето, пет месеци во кои секој здив е потежок од претходниот. Пет месеци без прегратките и гласот на нашите најмили. Во овие месеци болката не стивнува. Спомените нѐ држат исправени“, изјави Розета Џамова, сестра на загинатиот Јорданчо Џамов.
Семејствата на жртвите ги повторија барањата за целосна и непристрасна истрага.
Одредени медиуми јавија дека МВР задржала граѓани од други градови, кои сакале да се приклучат на протестот. Тие според учесници во маршот биле задржани 20-на минути на влезот на градот.

