Претседателот на Бугарија Румен Радев ја предводи бугарската делегација на 78-та сесија на Генералното собрание на ОН
Бугарскиот претседател Румен Радев од денеска до 21 септември ќе престојува во работна посета на Њујорк, САД. Радев ќе ја предводи бугарската делегација и ќе ја претставува Бугарија во рамки на 78. заседание на Генералното собрание на ОН, јавува Прес-центарот на бугарскиот претседател.
Радев денеска ќе учествува на Самитот на цели за одржлив развој – политички форум на високо ниво под покровителство на Генералното собрание на ОН. Бугарскиот претседател ќе одржи говори во рамките на лидерските формати посветени на науката, технологијата и иновациите. Освен тоа, шефот на бугарската држава ќе се сретне со претставници на еврејските организации во Њујорк.
Бугарскиот претседател на 19 септември ќе учествува на отворањето на Генералната дебата на 78. сесија на Генералното собрание на ОН. Во програмата на Румен Радев за денот се предвидени билатерални средби со претседателот на Република Австрија Александар Ван дер Белен, со претседателката на Република Молдавија Маја Санду, со премиерот на Ирак Мохамед Шија Ал Судани и други.
Шефот на државата Румен Радев на 20 септември ќе учествува на самитот за климата под покровителство на генералниот секретар на ОН.
Шефот на бугарската држава ќе има говор во рамките на Генералната дебата на 78. сесија на Генералното собрание на ОН (говорот е закажан за околу 19:00-19:30 часот по бугарско време).
Темата на Генералната дебата на 78-та сесија е „Обнова на довербата и заживување на глобалната солидарност: забрзување на акцијата на агендата 2030 и нејзините цели за одржлив развој за мир, просперитет, напредок и одржливост за сите“.
Програмата на бугарскиот претседател за тој ден вклучува билатерални средби со претседателот на Република Кореја Јун Сук Јеол, со министерот за надворешни работи на Кралството Саудиска Арабија принцот Фајсал бин Фархан Ал Сауд и други.
Претседателот Румен Радев на 21 септември ќе се сретне со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.
Во делегацијата предводена од шефот на бугарската држава ќе биде и вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Бугарија Марија Габриел.
За време на посетата на САД, претседателот Румен Радев ќе биде придружуван од неговата сопруга Десислава Радева.

