Свети Јован Рилски – небесниот покровител на бугарскиот народ
Свети Јован Рилски, познат и како Иван Рилски, е најпочитуваниот бугарски светец и еден од најголемите духовни водачи на православието. Роден е во близина на денешна Дупница, во село Скрино, во времето на Првата бугарска држава. Животот го посветил на молитва, пост и отшелништво високо во планината Рила, а неговите смирение и чудотворства го претвориле во симбол на духовна чистота и небесен покровител на бугарскиот народ, пишува БГНЕС.
Уште од младоста се издвојувал со длабока вера и стремеж кон скромен живот. Своето наследено богатство го раздал на сиромашните и се замонашил во манастирот „Св. Димитар“ крај Дупница. Подоцна, во потрага по вистинско испосништво, го напуштил манастирот и се насочил кон отшелнички живот во Рила, каде живеел во пештери и карпести засолништа. Иако барал осаменост, околу него почнале да се собираат и обични луѓе, и ученици привлечени од неговата чиста вера.
Легендите сведочат дека цар Петар I сакал лично да се сретне со отшелникот, но Јован Рилски одбил средба и прифатил само малку храна, одбивајќи злато и дарови. Со тоа јасно ставил до знаење дека духовната чистота не може да се купи и дека верата стои над светската власт.
Учениците на светецот подоцна ја создале монашката заедница што прераснала во Рилскиот манастир – денес најголем духовен и културен центар во Бугарија. Манастирот низ вековите одиграл клучна улога во зачувување на писменоста, просветата и националниот идентитет на Бугарите.
Свети Јован Рилски оставил и писмено духовно наследство – „Заветот на свети Јован Рилски“, во кој ги поучува монасите на смирение, труд и меѓусебна љубов, без стремеж кон богатство и власт.
Св. Јован Рилски починал на 18 август 946 година, а неговите мошти веднаш почнале да се почитуваат како чудотворни. Тие минале низ Софија, Унгарија и Трново, пред во 1469 година конечно да бидат вратени во Рилскиот манастир.
Култот кон него се проширил и надвор од границите на Бугарија – во Србија, Романија, Русија и други православни земји. Во Бугарија тој е славен како небесен покровител и духовен заштитник на народот, но и како симбол на морална издржливост и националната свест.
Секој 18 август, на денот на неговото упокојување, се одбележува споменот на светецот, а Рилскиот манастир и денес останува светол знак на верата и духовното наследство што ги надживува вековите.
