Сѐ повеќе Грци патуваат во Бугарија на краток одмор и верски туризам
Грчките туристи сѐ почесто ја избираат Бугарија како своја дестинација – било за краток одмор, верски туризам или викенд патувања, јавува БНР. Туристичките агенции јавуваат дека по отворањето на границата интересот значително пораснал, а тоа се чувствува и во бројките.
Според истражување на Институтот за маркетинг и анализи при Министерството за туризам на Бугарија, Грците покажуваат континуиран интерес за патувања во земјата. Во изминатите две години речиси еден милион Грци годишно ја посетиле Бугарија, најчесто за време на празници.
Најголем дел од нив се одлучуваат за кратки одмори во спа-центри и екскурзии до приморските градови. Популарни се и организираните автобуски тури до манастири и цркви. Во зимскиот период пак, најпосетувани се скијачките центри Банско и Пампорово, додека интересот за спа-курортите Велинград и Хисарја бележат постојан раст.
Истражувањето покажува дека освен Бугарија, Грците најчесто патуваат во Германија, Франција, Австрија и Холандија. Добрата авионска поврзаност и поволните цени во последната година ја зголемија посетеноста и на Полска и Чешка.
По влезот на Бугарија во Шенген, бројот на грчки туристи дополнително расте, бидејќи патниците веќе не мораат да чекаат со часови на граничните премини. Туристичките агенции очекуваат оваа позитивна тенденција да продолжи и во следните сезони.
