Сè почести се нападите врз новинари на протести во Србија
Според податоци на Здружението на независни новинари на Србија (НУНС), во изминатите месеци новинари и фоторепортери биле жртви на удари со палки, штитови, тупаници, лакти, туркања, шамари, прскање со хемиски средства, како и на вербални навреди и закани од страна на полицијата за време на известување од граѓанските протести, јавува БГНЕС.
И покрај доставените пријави до надлежните органи – властите, обвинителството и полицијата – сè уште не е познато дали се преземени какви било кривични постапки против полициските службеници вмешани во овие случаи на насилство.
Новинарката Леа Апро, која беше нападната од полицајци на 20 август во Нови Сад, за Радио Слободна Европа изјави дека полициската агресија драматично се зголемила.
„Во оваа ситуација полицијата знаеше дека сме новинари. Двапати повторив за време на нападот дека сум новинар, но полицаецот не застана“, раскажа Апро.
