| |

Ако се заташка оваа трагедија тоа ќе значи втора неправда, уште поголема и потешка од првата, порачаа родителите во Кочани

На денешниот 19-ти Марш на ангелите во Кочани, родителите порачаа дека од државата не бараат сочувство и празни зборови, туку да обезбеди целосна и вистинска праведна разрешница на досега најголемата трагедија во земјава, а во која загинаа 62 лица, јавува Слободен печат. Родителите со фотографии од своите најмили во рацете повторно чекореа во молк. Здружени во болката, тие тргнаа од Градскиот парк, па застанаа пред општинската зграда, потоа пред полицијата и пред судот и јавното обвинителство.

Случајните минувачи, гостите во кафулињата во тишина и стоејќи им оддаваа почит на починатите и кон оние што “маршираат”.

„Секој што носи одговорност без разлика на функцијата, позицијата или моќта мора да биде изведен пред лицето на правдата, затоа што човечкиот живот нема цена а нашите загуби немаат замена. Овој случај не смее да остане без епилог, не смее да се заташка, не смее да се заборави. Ако институциите дозволат оваа трагедија да заврши во тишина, ако не ја исполнат својата должност, тогаш испраќаат порака дека животот на нашите деца не значел ништо. А тоа ќе значи втора неправда, уште поголема и потешка од првата“ рече мајка на загинато дете.

Таа порача дека никогаш нема да престанат да бараат вистина и одговорност.

Организаторите претходно рекоа дека маршот не е само за нив, туку за сите кои сакаат за застанат на страната на правдата и да ја поддржат нивната борба.

Пред неколку дена заврши рехабилитацијата на повредените во кочанската дискотека „Пулс“ во одморалиштето на Министерството за внатрешни работи на планината Пониква.

Слични Објави