Државна култура
Христо Михајлов
Бившиот југословенски социјализам ја создаде државната култура – нешто како резерват за творците на уметноста. Таа претставуваше социјално обезбедена, материјално сигурна и неповредлива територија, во која човековата творечка природа, ослободена од социјални грижи, требаше да ги произведува вредностите на новото општество.
По крајот на социјализмот, македонската култура остана во суштина „државна“. Денес таа е потисната во аголот на државниот буџет, маргинализирана во општественото внимание и сѐ повеќе отуѓена. Културните дејци се принудени да се приспособат кон условите на пазарната економија, често впуштајќи се во нетворечки занимања. Културните настани се преместуваат во раните утрински или доцните вечерни часови, симболично сведочејќи за маргинализацијата на културата.
Слободниот пазар го разгради државниот „културен резерват“, укинувајќи ја материјалната сигурност што некогаш ја гарантираше системот. Фактички, државната култура повеќе не постои. Но, и покрај тоа, како по инерција и навика, македонската култура сѐ уште продолжува да се доживува и организира како државна. Таа се стреми кон територијално обезбедување – создавање „спасителни островчиња“ на културно преживување.
Така се отвора едно фундаментално прашање: кој ќе ја финансира културата отсега? Кој ќе дава пари? Во меѓувреме, општеството се менува, воведува нови закони и принципи, но самото суштинско прашање – „Какво е нашето време? Што станува со нас? Каква е природата на новото општество?“ – останува во сенка. Наместо тоа, културата се сведува на приватна дилема: „Што станува со културата?“
Проблемот е што културата се покажа лишена од сопствена проблематика, без внатрешен живот и содржина. Нејзината единствена грижа е административната: како во новата социјална ситуација да се гарантира и зачува „културната територија“. Финансирањето на културата е важна општествена тема, но тоа не може да биде единствената суштина на културата.
Тука се појавуваат прашања кои долго време се игнорирани:
- Дали постои разлика меѓу внатрешната и надворешната емиграција на интелектуалците?
- Дали генерациите формирани во социјализмот се неповратно изгубени?
- Колку злото на социјализмот е трајно вградeно во нас, а колку успеавме да го надминеме?
Овие теми не се доволно отворени во јавниот дискурс, а се клучни за разбирање на позицијата на културата во новиот општествен контекст.
Кога општите констатации за состојбата на културата се сведуваат на формулации без визија, станува јасно дека таа е неспособна да изнајде решенија и дека дејствува како секоја друга државна институција. Дури и културните работници не одат подалеку од проблемите на своите сограѓани, а како приватни лица ги разгледуваат само тешкотиите на институциите во кои работат.
Очигледно е дека културата мора да ја промени својата местоположба. Таа треба да се откаже од моделот на „голем музеј на културата“, во кој творците изолирано ја играат својата улога, а кон јавноста гледаат само одвреме-навреме, срамежливо, низ прозорец. Културата има потреба од вистинско суштествување, но повеќе не може да се идентификува со државното и со општественото тело.
Нејзиниот идентитет може да се пронајде во создавање на сопствена духовна територија – несигурна, променлива, но сепак автентична. Само така културата може да излезе од позицијата на зависник и да стане двигател на општествената самосвест.
