Сарамандов: Економијата на Гевгелија се потпира на грчките граѓани и транзитните туристи
Економијата на Гевгелија во најголема мера зависи од потрошувачката на грчките државјани и транзитните туристи, додека помал удел има домашното производство што вградува македонска додадена вредност. Ова го истакна градоначалникот на Гевгелија, Андон Сарамандов, на „Саем-отчетот“ на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ, организиран под мотото „4 години работа за тебе“.
„Грчките државјани се секојдневно присутни во нашиот град во текот на целата година, но тие не се само гости — тие се партнер на нашата локална економија. Најголем дел од малите стопанственици од Гевгелија зависат токму од приходите остварени од грчките државјани и од транзитните туристи,“ рече Сарамандов. Според него, добрата местоположба и добрососедските односи придонесуваат за финансиско зајакнување на локалната заедница.
Градоначалникот најави и нови инвестиции и вработувања како резултат на соработката со грчката амбасада и инвеститори. Во тек е отворање трговски центар со околу 150 работни места, како и нов ритeјл-парк што би вработил дополнителни 400 лица.
Сарамандов оцени дека ваквите проекти ќе го заокружат моделот на таканаречена „гранична економија“, во која потрошувачката од соседството е главен двигател. Но, тој нагласи дека локалната власт ќе вложи напори и за подобрување на условите за домашните производни компании, со цел Гевгелија да има двоен пристап — и услужен, и производен.

