|

Кондарко: Можно е поскапување на изборите, но мора да се обезбеди правото на сите учесници

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Борис Кондарко, оцени дека постои можност тековниот изборен циклус да биде поскап од претходните, но нагласи дека институциите имаат обврска да го обезбедат учеството на сите актери во процесот.

„Ќе видиме откако ќе помине рокот за поднесување на листи, 13-ти септември, колку ќе бидат пријавени, колку ќе ги исполнат условите, колку ќе бидат потврдени. Ние со одлука го уредуваме изгледот и формата и содржината на гласачкото ливче, ќе прилагодиме онака како што мораме со цел да го обезбедиме правото на сите. Дали ќе го поскапи процесот, можно е и да го поскапи, но ние мораме да го спроведеме процесот,“ изјави Кондарко во интервју за Радио Слободна Европа.

Кондарко посочи дека ДИК располага со овластувања да носи соодветни одлуки и упатства за непречено одвивање на изборните дејствија, особено во контекст на можниот зголемен број кандидатски листи. Комисијата, вели, ја прилагодила постапката за поднесување кандидатури за независни кандидати и групи избирачи во согласност со законските одредби.

„Единствен услов не се само најмалку два потписи за поднесување на листа… ДИК согласно член 31 став 2.2 има обврска да донесе правилник за регулирање на постапката за поднесување на кандидатски листи, односно потписи за независните кандидати, за група избирачи. ДИК тоа го направи. ДИК со тоа упатство не излезе надвор од законот, туку ја прилагоди на конкретната ситуација,“ појасни Кондарко.

Тој потсети дека дилемите околу потписите не се појавиле со распишувањето на изборите, туку биле присутни уште од мај, по одлуката на Уставниот суд. „Со оглед на постоењето на правото во член 60 и постапката за собирање потписи, односно рокот за собирање потписи предвиден во член 63… ДИК постапи онака како што постапи. Тоа прашање е затворено,“ нагласи тој.

Покрај оперативните предизвици, Кондарко се заложи за донесување целосно нов Изборен законик, со појасни правила и процедури. „Најголема потешкотија ни создава законот… кој повеќе од 30 пати е изменет и дополнуван, но и понатаму има многу нејаснотии и непрецизности што отвораат правни прашања и предизвици,“ рече тој, додавајќи дека финансирањето на партиите би можело да се регулира со посебен, издвоен закон.

До истекот на рокот за поднесување листи на 13 септември, ДИК ќе продолжи да ги прилагодува техничките аспекти – изгледот и формата на гласачкото ливче, распоредот на кандидатите и логистиката на гласањето. „Мора да се обезбеди правото на сите учесници и непречено спроведување на процесот,“ подвлече Кондарко, „дури и ако тоа значи поголеми трошоци во овој изборен циклус.“

Слични Објави