Велико Трново и Габрово заедно во трка за Европска престолнина на културата 2032
„Великотрновци и габровци заслужуваат да бидат победничката кандидатура за следната Европска престолнина на културата во Бугарија во 2032 година,“ изјави градоначалникот на старопрестолниот бугарски град Даниел Панов, јавува Радио Бугарија.
Идејата за заедничка кандидатура доаѓа по иницијатива на уметниците и интелектуалците од Велико Трново. Градот работи на оваа кауза уште од минатата година, а на крајот од февруари 2025 година, Општинскиот совет едногласно го поддржа предлогот Трново да стане дел од овој престижен натпревар.
„Нашите соседи се веќе прилично напред во подготовките – регистрираа неопходна општинска фондација, а Општина Габрово ангажира тим од тројца независни културни експерти, кои биле консултанти на 11 од последните 13 градови што ја освоиле титулата,“ дополни Панов.
И двата града веќе еднаш учествуваа во надпреварот – во 2014 година, но без успех. Сега шансите се поголеми, доколку Габрово ја прифати протегнатата рака на соработка.
Можноста два, па дури и три града заедно да бидат Европска престолнина на културата не е преседан. Таков е случајот со актуелните носители на титулата – Кемниц (Германија) и побратимените Гориција (Италија) и Нова Горица (Словенија), кои во 2025 година ја споделуваат престижната титула. Во 2019 пак, Пловдив беше првата Европска престолнина на културата во Бугарија заедно со италијанската Матера.
Одлуката за тоа кој град ќе ја носи титулата се носи шест години пред самата година на одржување на програмата.
