Белградска „Политика“ со препораки ја опиша антибугарската и антиевропска политика на РСМ

//

Најстариот провладин весник во Белград „Политика“, ја опиша до најситни детали и отворено ја поддржа антибугарската и антиевропска политика во Република Северна Македонија, објави БГНЕС.

„Изданието отворено ги повикува властите во Скопје да не ги спроведуваат препораките на европските лидери, што имаат за цел зачленување на земјата во ЕУ. Под наслов „ЕУ поставува услови, а Бугарија ја понижува Македонија“, публикацијата го повторува целиот арсенал на антибугарска пропаганда кај нашиот западен сосед, создаден по 1945 година, за време на југословенскиот диктатор Јосип Броз Тито“, пишува БГНЕС.

Во публикацијата има линкови со „анализи и за фашистичките манифестации во Хрватска“.

БГНЕС целосно го објавува „специјално напишаниот текст за списанието „Политика“, нешто што е нагласено и во самата публикација:

За само 15 дена македонскиот главен град го посетија претседателот на Германија Франк Валтер Штајнмаер и државниот секретар за европски прашања на Франција Лоренс Бун. И двете посети на РСМ се поврзани со една политичка матрица, онаа кога европските лидери пред потпишувањето на договорот од Преспа ги убедуваа Македонците да го сменат Уставот и името на државата, бидејќи со ова, како што тврдеа, тие би ја исполниле својата стратешка цел – европската интеграција.

Сите го знаеме текот на настаните: потпишан е Договорот од Преспа, сменет е Уставот, како и името на државата, но членството во ЕУ не се постигна. Ветувањата на лидерите на ЕУ испари, а пречките на патот на Македонија кон евроинтеграциите продолжија да се зголемуваат. Спорот со Грција беше решен, но сега конците за членство на РСМ во ЕУ ги влече Бугарија со нејзините неразумни барања кон македонскиот сосед. За да се надмине бугарската пречка, се појави т.н „Француски предлог“. Сега на оваа земја и се предлага уште една промена на најголемиот државен акт: на барање на Бугарија, повторно со ветување дека тоа ќе доведе до отворање на вратите на европското семејство.

Нормално, овие два „мали“ услови за евроинтеграција на РСМ се разликуваат токму во деталите. Додека пред потпишувањето на Договорот од Преспа се ветуваше дека земјата ќе биде примена во ЕУ веднаш по промената на Уставот и името на државата, сега ниту промената на уставот на РСМ не гарантира датум за членство во европското семејство. Исто така, францускиот државен секретар за прашања на ЕУ, Лоренс Бун, рече дека членството на РСМ во ЕУ до 2030 година е доста амбициозна цел, но не и невозможна.

И додека зборува за неопходните промени и реформи за приближување кон современото општество, Бугарија го откопува наследството од Втората светска војна, стоејќи на македонско тло, со барање Македонците да се откажат од сопствениот идентитет и јазик, како и од наследството на народноослободителната војна. Сето тоа додека чепка во раните од Втората светска војна, кога Македонија беше под бугарска окупација, а Софија беше во сојуз со нацистичка Германија.

Реинкарнацијата на фашизмот започна со отворањето на бугарскиот клуб во РСМ „Ванчо Михаилов“, потоа клубот „Цар Борис Трети“, кој беше пропагандист на хитлеровиот нацизам и фашизмот на Мусолини, со безрезервна поддршка на бугарскиот државен врв. И не само тоа, министерот за надворешни работи на Бугарија истакна дека нема ништо против тоа што во Охрид се отвора клуб кој го велича ликот и делото на цар Борис Трети, иако во негово време важел законот за „чиста раса“, што бил изгласан во бугарското собрание. Но, го загрижува што во Северна Македонија има училиште по име Јосип Броз Тито. Да, тие се загрижени за името на човекот што го протера фашизмот од Северна Македонија.

Со оглед на тоа што ЕУ молчи за постапките на својата земја-членка, ја прашавме францускиот државен секретар за европски прашања, Лоренс Бун, дали ЕУ ќе застане на патот на Бугарија и нејзините барања да ги уништи реликвиите од Втората светска војна, на што таа кратко одговори: Ќе ја поддржиме Северна Македонија на патот кон ЕУ.

Претходна статија

Бислимоски: Блок тарифите даваат резултат, домаќинствата ја намалиле за 16,32% потрошувачката на струја

Следна статија

Османи: Провокациите кои доаѓаат од Бугарија се од профили кои се деструктивни, да не им даваме значење

Најново од Вести