ГРУБИ: ВО ВМРО ДПМНЕ ТРЕБА ПРВИ ДА СТАВАТ ДВОЈАЗИЧНА ТАБЛА НА СВОЕТО СЕДИШТЕ
Денес е прекрасен ден – рече Артан Груби од ДУИ, откако Законот за јазиците донесен пред една година е објавен во Службен весник и од денеска почнува неговата примена.
-Со јазичната рамноправност, се заокружи нормативниот дел од Охридскиот рамковен договор. Примената на Законот нема да биде лесна, но очекувам од сите институции Собранието, Владата да се подготват за негова импплементација. Со Законот никој не треба да се чувствува загрозен, рече Груби.
Тој се заблагодари на сите пратеници кои гласале за Законот за јазици и на меѓународната заедница која ги подржувала од 2001.
Законот за јазици беше усвоен во Собранието на 11 јануари минатата година и од тогаш Иванов одбиваше да го потпише. Една година подоцна, претседателот на Собранието Талат Џафери го испрати Законот во Службен весник само со неговиот потпис.
Груби кажа дека постапката е законска, а на Иванов и на ВМРО ДПМНЕ им порача да се надминат себеси.
-Сите чекори што ги направија од 2016 година им се погрешни. ВМРО ДПМНЕ погрешно се построи за ЕУ и за НАТО, за Договорот од Преспа и за Законот за јазици. Тие треба да се надминат себеси и први да стават двојазична табла на своето партиско седиште, рече Груби.
Примената на Законот за јазици ќе ја контролира Инспекторат кој наскоро треба да го формира Владата.
Извор: Нова ТВ