|

Заедно со граѓаните ВМРО-ДПМНЕ ќе ги прави програмите за локалните избори

ВМРО-ДПМНЕ најави нова теренска акција преку која граѓаните ќе можат директно да предложат идеи и проекти што ќе бидат дел од изборните програми на кандидатите за градоначалници.

„Многу пати до сега, ВМРО-ДПМНЕ покажа дека го слуша гласот на народот, нивните идеи и предлози ги преточува во реализирани проекти. Така и сега, во пресрет на локалните избори, програмите за градоначалниците ширум државата ќе ги правиме заедно со граѓаните“, соопштија од партијата.

Акцијата со наслов „Предложи! Вистинската идеја за вашата општина!“ ќе се одржи од 27 август до 3 септември, секој ден во период од 17 до 21 часот. Во сите општини ќе бидат поставени штандови на плоштадите или прометни локации, каде што граѓаните на посебен формулар ќе можат да ја напишат својата идеја за проект.

Во истиот временски интервал ќе бидат отворени и сите партиски штабови, каде членовите на ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните ќе можат да достават свои предлози. Дополнително, идеите ќе може да се испраќаат и електронски на адресата: [email protected]
.

За обработка на предлозите и нивно преточување во конкретни изборни проекти ќе биде формиран тим од експерти, професори, јавни личности и политичари со долгогодишно искуство. „Задача и обврска на овие експерти ќе биде потребите на граѓаните да ги преточат во конкретни проекти, со финансиска рамка и рок на реализација“, објаснуваат од партијата.

„Нашите очекувања се масовен одзив на граѓаните, со цел што е можно подетални и содржајни програми со проекти кои извираат директно од нив, нивните потреби и кои ги решаваат нивните проблеми. ВМРО-ДПМНЕ е со народот, ги слуша неговите забелешки, потреби и идеи“, стои во соопштението.

Слични Објави