|

Мисајловски со командантот на КФОР: РС Македонија останува столб на безбедноста на Балканот

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во Министерството за одбрана се сретна со командантот на НАТО мисијата на Косово – КФОР, генерал-мајор Енрико Бардуани. На средбата беше разговарано за улогата на мисијата во зацврстувањето на безбедноста и стабилноста на Косово, како и на целиот регион.

„Оваа НАТО мисија е исклучително значајна за уште постабилен и побезбеден регион. Остануваме посветени на нашиот придонес кон КФОР и логистичката поддршка која ја даваме на оваа мисија и во иднина“, изјави министерот.

Мисајловски додаде дека во време на сериозни геополитички промени и нестабилност, сигурен и безбеден регион е од приоритетно значење за Северна Македонија, нагласувајќи дека земјата ќе продолжи да биде „столб на безбедноста на Балканот“.

Бидејќи мандатот на генерал Бардуани како командант на КФОР завршува наскоро, Мисајловски му се заблагодари за одличната соработка и координација во однос на македонскиот контингент во мисијата.

Генералот Бардуани, пак, ја истакна професионалноста на македонските војници:
„Тие секојдневно покажуваат врвен професионализам и целосна посветеност на своите задачи и обврски.“ Тој изрази благодарност за континуираниот придонес на државата во КФОР и ја нагласи важноста на заедничката соработка за одржување на мирот и стабилноста во регионот.

Во рамки на посетата, генерал Бардуани оствари средба и со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.

Македонската Армија придонесува во мисијата КФОР од 2020 година.



Слични Објави