|

ДУИ: Ветинг со меѓународен мониторинг – проверка на имотот на сите политичари и партии

ВМРО-ДПМНЕ е последната партија која има право да држи лекции за борбата против корупцијата, криминалот и политичките влијанија, бидејќи денес, од позиција на власт, јасно демонстрира дека има само една цел – целосно да ја зароби државата, особено правосудството, соопштија од ДУИ.

Според нив, под водство на актуелната влада, политиката отворено се меша во работата на Обвинителството, Републичкиот судски совет и Советот на јавни обвинители, преку „класични политички сценарија“ за ставање на правдата под контрола.

„ДУИ не се плаши од независно правосудство ниту од транспарентност. Напротив, ние нудиме конкретно решение: ветинг со меѓународен мониторинг, за целосно чистење на политичката и јавната сцена од секое коруптивно влијание. Нека се истражи имотот на секој политичар и на секоја политичка партија. Нека се истражи најголемиот корупциски процес во државата – приватизацијата, која создаде недопирливи олигарси со монополи во клучни економски сектори, кои денес прават сè за да го блокираат европското интегрирање, од страв од фер конкуренција“, велат од партијата на Али Ахмети.

ДУИ побара истрагата да опфати и институции на државната безбедност и нивни вработени од 1945 година до денес. „Само така може да се затвори едно темно поглавје од минатото и да се изгради држава каде никој не е над законот“, наведуваат од таму.

Во соопштението се додава:
„Тие што немаат што да кријат – го прифаќаат ветингот. Времето на моноетнички проекти и етничка супериорност е завршено. Северна Македонија може да се гради само заедно, во духот на мултиетничноста и еднаквоста, а не под плаштот на ‘борба против корупцијата’ да се реализираат агенди кои ја поткопуваат државата и ја заробуваат за да спроведат моноетнички цели.“

ДУИ нагласува дека останува цврсто определена да ја води државата напред кон европската интеграција, „со чисти институции, со независно правосудство и со општество кое става крај на бескрајниот транзициски период“.

Слични Објави