ВЛЕН: Еден месец молк од обвинителството за ревизорскиот извештај за Бујар Османи

Еден месец по јавно објавениот негативен извештај на Државниот завод за ревизија за трошењата во Министерството за надворешни работи во времето кога министер беше Бујар Османи, Обвинителството и судството сѐ уште немаат преземено никакви мерки, реагираат од ВЛЕН.

Од партијата потсетуваат дека ревизорите утврдиле дека над 120 милиони денари (околу 2 милиони евра) биле потрошени за организација на ОБСЕ самитот во Скопје, без соодветна документација, без евиденција за испорачаните стоки и услуги и без трајна опрема која требало да остане во државна сопственост.

Според ВЛЕН, тоа отвора сериозни сомнежи за нетранспарентност и злоупотреби на јавни средства.

„Сѐ ова потсетува на времето кога Бујар Османи беше министер за здравство и кога исто така доби негативен извештај од Државниот завод за ревизија – со забелешки за незаконски постапки и сомнителни исплати. И тогаш, наместо одговорност, судството го амнестираше. Некоја структура во државата очигледно го штити и негува Бујар Османи како свој миленик. Денес гледаме повторување на истиот шаблон, судството и обвинителството повторно молчат. Ако беше било кој друг граѓанин, ќе одговараше и за сообраќајна казна. Но за Бујар Османи, изгледа важат други правила. Очигледно е дека е под нечија заштита, а тоа значи само едно, дека е должен некаде, а тоа не се Албанците или граѓаните на Чаир“, се наведува во соопштението.

Од ВЛЕН јавно потсетуваат дека Јавното обвинителство има законска обврска да отвори случај по негативен извештај на Државниот завод за ревизија. „Ако тоа не се направи, ќе биде втор пат како институциите свесно го амнестираат Бујар Османи за исти сомнежи и злоупотреби“, предупредуваат од партијата.

Слични Објави