Почнува 16-то издание на Банско Опера фест
Во Банско денеска стартува 16-то издание на оперскиот фестивал, кој претставува и своеобразен финал на фестивалното лето во овој планински туристички град во Бугарија, јавува БНР.
Во текот на три вечери, фестивалната сцена на централниот плоштад ќе биде посветена на операта, мјузиклот и концертни настапи на врвни гласови од Италија, Венецуела и Бугарија.
Првата фестивалска вечер, ќе им донесе на најмладите, но и на возрасните љубители на музичката уметност, можност да ја проследат музичката бајка „Аладин“ – сценска адаптација по музиката на Алан Менкен. Режијата е на Петко Бонев, а музичкото раководство е на Страцимир Павлов.
Втората вечер е посветена на една од најдраматичните опери на Џузепе Верди – „Риголето“. Режисер е Сребрина Соколова, диригент маестро Светослав Борисов. Во улогата на Риголето настапува баритонот Пламен Димитров, а специјален гостин во продукцијата на Државна опера „Варна“ е венецуелскиот тенор Рејнелдо Дроз во улогата на Војводата.
Фестивалот ќе заврши во сабота, на 30 август, со блескава гала вечер, во која ќе бидат изведени некои од најпознатите и најсакани арии од оперската класика. Специјален гостин е италијанскиот тенор Уго Таркуини.
„Банско Опера Фест“ е со слободен влез, а програмата започнува секоја вечер во 20:30 часот.
