Во Штип оваа година ќе има 35 првачиња помалку од лани
Општинскиот Совет на Штип одобри барања на пет основни и четири средни училишта за корекции во паралелките за учебната 2025/2026 година поради намален број ученици. Оваа година во прво одделение се запишале 360 првачиња, што е за 35 помалку од лани.
ОУ „Димитар Влахов“ ќе има по две паралелки во прво и петто, една во шесто, три во осмо и две во деветто одделение. Во „Славејко Арсов“ (Баби) ќе функционираат три паралелки во прво и второ, една во четврто и седмо, две во петто, три во шесто и по две во осмо и деветто. „Ванчо Прќе“ доби согласност за комбинирани паралелки, а барања имаа и средните училишта.
Од Општината информираат дека сите училишта се реновирани и подготвени, а како приоритет го издвојуваат јавниот превоз. Од 1 септември ќе стартува нова ученичка автобуска линија од ОУ „Гоце Делчев“ до селото Шашаварлија.

