Запрјанов: Украина мора да остане стратешки приоритет за ЕУ, со долгорочни безбедносни гаранции и постојана поддршка
Сигурноста во Црноморскиот регион и потребата од зајакнување на заштитата на границите на Европската унија беа во фокусот на излагањето на бугарскиот министер за одбрана Атанас Запрjaнов на неформалната средба на министрите за одбрана на земјите-членки на ЕУ што денеска се одржа во Копенхаген, Данска.
Запрjaнов ја истакна важноста од засилување на воената мобилност и повика на подобрување на транспортната инфраструктура со двојна намена, како и зголемување на буџетот за оваа насока во следната повеќегодишна финансиска рамка на Унијата. Тој нагласи дека интеграцијата на украинската одбранбена индустрија со европската технолошка и индустриска база е клучна, при што финансискиот инструмент SAFE може значително да придонесе за продлабочување на индустриската соработка. Министeрот повторно укажа на потребата од деблокирање на средствата за поддршка на Украина преку Европскиот механизам за поддршка на мирот.
Средбата во Копенхаген, дел од календарот на данското претседателство со Советот на ЕУ, беше водена од високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика Кaja Калас. Во трите работни сесии министрите дискутираа за понатамошната воена поддршка на ЕУ за Украина, одбранбената подготвеност на Унијата, како и состојбата со мисиите и операциите во рамките на Заедничката политика за безбедност и одбрана (ОПБО).
На состанокот присуствуваа и заменик-генералната секретарка на НАТО Радмила Шекеринска, претседателката на Комисијата за безбедност и одбрана во Европскиот парламент Агнес-Мари Штрак-Цимерман, како и украинскиот министер за одбрана Денис Шмигал, кој се приклучи преку видеоконференциска врска.
Запрjaнов во своето обраќање потенцира дека Украина мора да остане стратешки приоритет за ЕУ, со долгорочни безбедносни гаранции и постојана поддршка од европските и трансатлантските партнери. Тој ја потврди подготвеноста на Бугарија да продолжи со помошта за Украина во согласност со одлуките на бугарското Народно собрание. Министерот ги информира колегите и за организирањето на летни морски кампови за деца на украински војници во одморалиштата на бугарското Министерство за одбрана, како дополнителен дел од целокупната поддршка за Киев.
Министрите разговараа и за спроведувањето на Белата книга за европската одбрана – Подготвеност 2030 и планот „ReArm Europe“ во контекст на заклучоците од последните самити на ЕУ и НАТО. Тие ги споделија своите ставови за соработката во приоритетните области на одбранбените капацитети и очекувањата за претстојната Патна карта за одбранбена подготвеност. Посебен акцент беше ставен и на мисиите и операциите на Унијата во рамките на ОПБО, со цел нивно адаптирање кон новиот геополитички контекст.

