Политичарите да прекинат со меѓусебните провокации
Христо Михајлов
Има реална опасност да се загуби објективниот поглед врз политичките процеси – доколку и воопшто некогаш го имало. Аналитичарот, сепак, секогаш е донекаде пристрасен, без разлика дали е директно поврзан со една или друга политичка формација. За да се појави нешто подобро, какво што всушност е и општото очекување, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ мора да направат компромиси и да ја надминат взаемната нетрпеливост. Тоа бара не само политичка, туку и емоционална зрелост – нешто со што повеќето македонски политичари тешко можат да се пофалат.
Се поставува и логичното прашање: кога е најдобро да се одржат парламентарните избори? Тоа е клучната дилема пред сите политички организации. Она што е добро за една партија не секогаш е добро за државата. Гаранција дека предвремени избори ќе донесат нешто подобро за сите граѓани нема. Сѐ повеќе луѓе сфаќаат дека патријархалната групираност, која мимикрира во разни мафии, олигархиски кругови, клиентилистички и главатарски партии, не’ осудува на зависност, сиромаштија и безизлез.
Ова води кон масовно повлекување од политичкиот и општествениот живот, како и кон незаинтересираност за колективни потфати. Но животот во изолација, надвор од заедницата, по дефиниција е несреќен и мачителен. Политиката на арогантна надменост кај образованите и успешните дополнително го продлабочува социјалниот јаз. Успехот не треба да води кон самозадоволство и перчење, туку да создаде чувство на обврска кон другите.
Големото прашање денес е како да се регулираат економските и социјалните односи и каква да биде улогата на социјалната политика – дали само да распределува средства или и да создава животни шанси. Нееднаквоста не мора да значи дека богатството е зло, но успешните мора да научат како да го споделат својот успех. За очекување е заможните кај нас да се откажат од самодоволното живеење, во спротивно ќе останат изолирани и на крај исфрлени од процесите.
Потребно е комбинирање на мерките против сиромаштијата со враќање на надежта кај луѓето – преку дијалог меѓу власта, опозицијата и граѓанското општество. Политичкиот дијалог мора да биде конструктивен, за државата да се врати на европскиот пат: економски раст, нови работни места и заштита на граѓанските слободи.
Многу би помогнало ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да престанат со меѓусебни провокации, бидејќи партиски организираните демонстрации не носат никакво решение. Наместо тоа, парламентарците треба да ја играат својата улога: да ја поткрепуваат, но и да ја контролираат власта, како и да бидат активни во дијалогот со граѓанското општество.
Најважното – неопходна е промена во комуникацијата меѓу политичарите и избирачите. Прашањата што ги отвораат граѓаните мора да добиваат одговори. Не е јасно дали предвремените избори воопшто би ја смениле рамнотежата на силите. Повеќе би личеле на загубено време отколку на вистинско решение. Подобро е да започне сериозен дијалог за политичка, медиумска и образовна реформа, како и за поголема транспарентност – во интерес на сите.
Судбината на Република Северна Македонија нема да се реши само со нови избори, туку со тоа дали политичарите ќе успеат да воспостават нормален дијалог меѓу себе. Сегашната влада на ВМРО-ДПМНЕ има стабилна, макар и не висока, поддршка. Тоа покажува дека барем дел од мерките наидуваат на одобрување кај дел од населението. Најважно е таа поддршка да се прошири, а тоа е можно единствено ако политиката не се сведува само на помош за сиромашните, туку и на обновување на демократијата. Само така ќе се зголеми и поддршката од ЕУ.
Нема политичар кој некогаш не се соочил со губење на довербата на избирачите. Од таа ситуација се излегува само со дијалог и отвореност кон проблемите на луѓето. Не е доволно да се бараат само приврзаници што папагалски ќе потврдуваат дека си во право. Општеството денес е поразлично – луѓето многу полесно ги менуваат политичките позиции, дури и оние што гласале за помали партии, често тоа го прават само за да ги испровоцираат големите.
Ако успее да започне вистински дијалог, Северна Македонија би можела да излезе дури и посилна од кризата.
