Општина Центар и годинава ќе ангажира лични асистенти за учениците со посебни образовни потреби
Општина Центар и во новата учебна година ќе ангажира лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби, во рамки на проектот „Образование за сите“.
Право на пријавување на јавниот повик имаат лица со завршено средно образование, а предност ќе имаат кандидатите со високо образование од областа на наставата, психологијата, педагогијата, дефектологијата и социјалната работа, како и оние со претходно искуство во работа со деца со попреченост.
Избраните асистенти ќе работат по 20 часа неделно, со месечен надоместок од 15.000 денари.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, нагласи дека личните асистенти се клучни за успешен инклузивен образовен процес.
„Нашите асистенти им помагаат на учениците полесно да се адаптираат и функционираат во училишната средина. Тоа многу значи, не само за децата, туку и за родителите и наставниците. Морам да потенцирам дека сме единствена општина во Скопје што, и покрај сите предизвици, продолжува самостојно, од свој буџет, да го спроведува овој проект“, изјави Герасимовски.
Јавниот повик е отворен пет работни дена, а пријавувањето се врши во Архивата на Општина Центар, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.

