Кос: Вратите на ЕУ се отворени за кандидатите кои одговараат на Копенхашките критериуми
Копенхашките критериуми овозможија успешно проширување на Европската унија во минатото и процесот на пристапување мора и понатаму да се темели на нив, бидејќи владеењето на правото и демократската отпорност се клучни за кредибилен процес на проширување. Ова го изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во Копенхаген, на заедничка прес-конференција со данската министерка за европски прашања Мари Бјере и еврокомесарот за демократија, правда и владеење на правото Мајкл Мекграт, по неформалниот состанок на министрите од ЕУ и земјите кандидати, јавува БГНЕС.
Кос нагласи дека Унијата останува отворена за сите кои целосно, правично и транспарентно ги исполнуваат критериумите од Копенхаген. Таа додаде дека, доколку ЕУ сака да биде посилна, процесот на проширување мора да се заснова на заслуги и објективен напредок на секоја земја кандидат, а приемот ќе зависи од темпото на спроведување на потребните реформи.
Во однос на Северна Македонија, Кос истакна дека „веднаш штом Владата го измени Уставот“, нејзиниот пристапен процес ќе може да продолжи. Таа објасни дека дискусиите во Копенхаген биле фокусирани на тоа како проширувањето ја зајакнува безбедноста на Европа и на условите за успешно спроведување на реформите, за граѓаните на идните членки да ги почувствуваат придобивките уште пред формалното членство.
„Проширувањето е дел од геополитичката конкуренција меѓу слободните демократски општества и авторитарните режими“, рече Кос, додавајќи дека тоа не е само прием на нови членки, туку обединување на Европа за сигурност и стабилност на целиот континент.
Таа посочи дека Европската комисија веќе поедноставила одредени чекори во преговорите за пристапување, но останува отворена за понатамошни подобрувања, доколку Советот се согласи. Кос се повика и на резултатите од Евробарометарот, според кои по почетокот на војната во Украина расте јавната поддршка за проширувањето.
„Проширувањето е стратешка инвестиција во стабилна, демократска и конкурентна Европа, со придобивки за сите граѓани и придонес за мир, просперитет и пообединет континент“, нагласи таа, додавајќи дека паралелно со проширувањето, ЕУ мора да се подготвува за прием на нови членки.
Данската министерка Мари Бјере изјави дека живееме во тешки времиња, кога руската агресија врз Украина и новите политички ветрови од САД го прават проширувањето поважно од кога било. „Ова е геополитичка неопходност, бидејќи ни треба посилен и побезбеден ЕУ, способен да се брани, а проширувањето е суштинско за тоа“, рече таа.
Бјере нагласи дека, иако критериумите од Копенхаген се стари повеќе од 30 години, тие остануваат актуелни и за постојните членки, бидејќи почитувањето на основните вредности ја прави Унијата силна и привлечна. Таа додаде дека е потребна и внатрешна реформа на ЕУ за да се подготви за нови проширувања и да се справи со предизвиците.
„Охрабрена сум од широкиот консензус за оваа стратешка насока на ЕУ и затоа сум оптимистички расположена“, заклучи Бјере.

