Продолжува судењето против таткото на Васил Јованов
Судскиот процес против Зоран Јованов, татко на Васил Јованов, кој во јануари оваа година без возачка дозвола и под дејство на алкохол, со автомобил ја удри и ја лиши од живот Фросина Кулакова, продолжува денеска пред Основниот кривичен суд во Скопје.
Обвинението против Јованов е изменето на изминатото рочиште. Откако обвинителството ги измени обвинителните предлози врз основа на новоприбавени докази, тој сега се гони за кривичното дело „загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средства“. Првичниот обвинителен предлог беше „предизвикување општа опасност“.
Претходното рочиште беше одложено поради отсуство на обвинетиот. Судот констатираше дека Јованов бил „неуредно повикан“. Судијката Снежана Марковска тогаш информираше дека е испратено барање до Министерството за внатрешни работи (МВР) за ажурирани адресни податоци, со цел да се осигура уредна достава на поканата за ново рочиште.
Покрај обвинетиот, на последното рочиште не се појавија ниту неговиот адвокат Сашо Дуковски, ниту пак сведокот Софија Черепналковска. За нејзиното отсуство, судот беше информиран дека, според изјава на нејзиниот татко, таа се наоѓала во странство.
По ова, судот донесе одлука за повторно испраќање на покани до обвинетиот и неговиот бранител, заедно со изменетиот обвинителен предлог, за да може постапката да продолжи.
