| |

Ставен е под контрола големиот пожар што ја зафати фабриката „Макпрогрес“ во Виница – има повредени пожарникари и цивили

Ставен е под целосна пожарот што изби вчера во фабриката за кандирани производи и вафли „Макпрогрес“ во Виница позната по производите од брендот „Винчини“, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување(ДЗС), Стојанче Ангелов. Пожарот избувна вчера околу 18:40 часот и се проширил низ производствените хали и магацините 6, 7 и 8, каде биле поставени и соларни панели на крововите.

Првичните информации велат дека меѓу 5 и 10 лица се повредени – и пожарникари и цивили од Виница, Кочани и Струмица. Повредените биле најпрво пренесени во најблиските здравствени установи, а дополнителна тријажа се врши во болницата во Кочани, која е под голем притисок поради бројот на пациенти. Еден пожарникар за малку избегнал трагичен исход откако заштитниот шлем му го спасил животот при пад на врела материја, најверојатно шербет.

Во гаснењето на пожарот веднаш се вклучиле екипите на Противпожарната единица од Виница, со поддршка од Кочани, Македонска Каменица, Штип, Пробиштип, Струмица, Кавадарци и Велес. Жителите од соседните куќи биле во страв пламените јазици да не се прошират и кон нивните домови.

Веста за пожарот околу 19:20 часот ја добил и претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, од сопственикот на компанијата, Глигор Цветанов. Веднаш била алармирана Владата, премиерот, како и ресорните министри за да се преземат мерки за спасување на фабричките капацитети.

Противпожарните екипи остануваат на терен, а јавноста очекува дополнителни информации за здравствената состојба на повредените и за причините за избувнувањето на пожарот.

Основана пред 35 години, „Макпрогрес Винчини“ е еден од водечките производители во кондиторско-пекарската индустрија во Македонија, 75% од производството е наменето за извоз, а производите се извезуваат во 45 држави.



Слични Објави