Премиерот Росен Желјазков и предводената од него делегација пристигнаа во официјална посета на Црна Гора
Бугарскиот премиер Росен Желјазков и делегацијата предводена од него пристигнаа во официјална дводневна посета на Црна Гора, соопшти владината прес-служба, пренесува БГНЕС.
Желјазков беше пречекан со воени почести на официјална церемонија, по која се одржа тет-а-тет средба со неговиот црногорски колега. Во рамки на посетата ќе се одржат и пленарни разговори, на кои ќе учествуваат заменик-премиерот и министер за транспорт и врски Гроздан Караџов, министерот за здравство Силви Кирилов, министерот за туризам Мирослав Боршош, како и нивните колеги од Црна Гора. По завршувањето на средбите двајцата премиери ќе дадат кратки изјави и ќе одговорат на новинарски прашања.
Подоцна денеска премиерот Желјазков ќе разговара и со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ. Софија и Подгорица негуваат одлични билатерални односи и активно соработуваат во повеќе мултилатерални формати. Темите на разговорите ќе вклучуваат поддршката на Бугарија за членството на Црна Гора во Европската Унија, регионалната соработка, безбедносните прашања, како и партнерството во рамките на НАТО.
Во текот на посетата двајцата премиери ќе потпишат Спогодба меѓу владите на Бугарија и Црна Гора за научна и технолошка соработка.
Заменик-премиерот и министер за транспорт и врски Гроздан Караџов и црногорската министерка за транспорт Маја Вукичевиќ ќе потпишат заедничка декларација за создавање на работна група, чија цел е во најбрз можен рок да се воспостави директна авионска линија меѓу Софија и Подгорица.
