Надежда Станчова – првата бугарска дипломатка
По повод венчавката на Надежда Станчова со сер Александер Кеј Мјуир, весникот „Глазгоу хералд“ ја нарекол невестата „првата жена дипломат во светот“ и ја опишал нејзината дипломатска кариера, пишува 24 часа.
Надежда Станчова е ќерка на бугарскиот дипломат и политичар Димитар Станчов и грофицата Ана де Грено, потомка на француски аристократски род од Савоја. Семејството Станчови било тесно поврзано со бугарскиот двор и со европските дипломатски кругови.
Надежда била најстарата ќерка во семејството. Владеела осум јазици и, по примерот на татко ѝ, се посветила на дипломатијата. Нејзината прва значајна задача била како преведувачка на бугарската делегација при преговорите во Неј, каде што бил потпишан мировниот договор по Првата светска војна.
Таа оставила сведоштво за церемонијата на потпишување на договорот. „Церемонијата се одржа без никаква свеченост“, запишала Станчова, додавајќи дека Стамболиски „достоинствено“ пристапил и го потпишал договорот.
Подоцна Надежда Станчова била секретарка на Стамболиски за време на неговата европска обиколка и на конференцијата во Џенова во 1922 година. По неговото убиство, додека работела во бугарската амбасада во Вашингтон, таа и нејзиниот татко поднеле оставка во знак на протест против режимот на Александар Цанков.
По напуштањето на дипломатската служба, Станчова работела во Би-би-си. Во 1924 година се омажила за сер Александер Кеј Мјуир, богат шкотски индустријалец. По бракот се посветила на хуманитарни каузи и на балетската уметност, но ја задржала врската со Бугарија.
Цар Борис III, со кого се познавала од детството, неколкупати побарал нејзина помош за контакти во британските кралски и дипломатски кругови. Таа го подготвувала за протоколот и обичаите пред средбите со британските кралеви Џорџ V и Џорџ VI.
За време на Втората светска војна Надежда Станчова и нејзиниот сопруг го претвориле семејниот имот во санаториум за британски војници кои закрепнувале од раните. Сер Александер Кеј Мјуир починал во 1951 година, а Надежда Станчова во 1957 година.
Надежда Станчова останува запаметена како една од најзначајните жени во бугарската дипломатија и како личност која ги поврзувала бугарските и британските политички кругови во првата половина на XX век.
Надежда Станчова е тетка на бугарскиот дипломат Иван Станчов (1929-2021), поранешен министер за надворешни работи во службената влада на Ренета Инџова (1994-1995) и советник на претседателите Жељу Желев и Петар Стојанов. Освен со кариерата во дипломатијата Станчов е познат и по својата хуманитарна работа. Во 1994 година ја основал фондацијата „Карин дом“ во Варна, центар за поддршка на деца со посебни потреби.

