ПИСАТЕЛКАТА ОД ЛОЗАНА: НЕ СЕ ИЗГЛАДНУВАЈ ПОРАДИ ТИПОВИ КОИ НЕ ПАМТАТ ШТО КАЖАЛЕ…

Под една објава во која се пишуваше за ‘модели со облини’ и во која нормално имаше форографии од истите, се изначитав најразноразлични коментари:
‘И тие не сакаат, си сакаат да си јадат.’
‘На што личи ова, оди покриј се.’
‘Дај почни диета и почни да вежбаш.’

Коментарите со пцости нема ни да се обидам да ги цитирам.

Имаше погрдни коментари од мажи. Повеќето беа од мажи. Истите тие кои ги родила жена и која поради нив се здебелила, го изобличила телото, добила стрии и вишок килограми можеби за навек. Истиот тој што голема е шансата и жената која ќе му роди дете да помине низ сличната измена.
И тоа се истите оние мажи кои и на физички совршената жена ќе и’ најдат друг погрден збор само ако погледне друг маж или едноставно им здосади.

Лошо е да се прочитаат тие коментари затоа што апсолутно сите ние, и да сме најслаби, патиме од комплексот наречен ‘вишок килограми’ заради општеството во кое живееме. Знаеме дека истите тие профили на луѓе утре нам ќе ни дадат погрден збор затоа што повеќето од жените припаѓаме во таа група со облини и други несовршености – повеќе или помалку.

Драги мои жени, вашиот изглед не го дефинира друг. Неговиот збор го дефинира него. Неговата ука и култура.
Ние сме живи суштества и ни се јаде онолку колку што организмот ни бара.
Ние сме биологија, природа, хемија, физика, медицина.
Не се изгладнувај заради типовите кои не памтат што кажале, поради бутиците чии трендови се менуваат вртоглаво, поради фотографиите од интернет кои повеќето се фотошопирани.

Дури и да е вистина дека имаш вишок килограми, паметниот човек дури и ќе ти ја нацрта убавината на таа состојба.
Која не треба повеќе да се опишува со погрден збор.

Чувај си ги душата и насмевката, мила моја.
Тие не излегуваат од мода.

Fb статус на Писателката од Лозана