Бугарски специјалисти по репродуктивно здравје ќе вршат бесплатни прегледи во градот Корча, Албанија
Fertility Europe ја започна Деветтата Европска недела на фертилноста 2025 (до 9 ноември) под мотото „Со факти напред – образование и информации“. Кампањата има за цел да ја зголеми свесноста за проблемот со неплодноста и да ги поттикне граѓаните да донесуваат информирани одлуки за своето репродуктивно здравје, јавува Радио Бугарија.
За првпат, бугарски специјалисти по репродуктивно здравје ќе ја посетат градот Корча во Албанија, каде што ќе извршуваат бесплатни лекарски прегледи за лица со потешкотии при зачнување. Иницијативата е на Фондацијата „Сакам бебе“ и Друштвото за бугарско-албанско пријателство, со поддршка од Балкан Медикал Клиник (BMC) и Фондацијата „Бугарска памет“ на д-р Милен Врабевски. Прегледите ќе се одржат од 7 до 9 ноември во BMC на улица „Мајка Тереза“ во Корча.
Медицинскиот тим ќе го предводи д-р Георги Николов од центарот „РепроБиоМед“, а ембриологот Искра Антонова ќе врши бесплатни спермограми. До овој момент се пријавени околу 40 брачни парови, а акцијата ќе продолжи и во иднина со учество на други специјалисти.
Според Радина Велчева, основач на фондацијата „Сакам бебе“, во Бугарија околу 145.000 брачни парови се соочуваат со репродуктивни проблеми, додека во Албанија тие зафаќаат меѓу 15% и 20% од населението. Таа нагласува дека најсоодветната возраст за раѓање на првото дете е меѓу 23 и 30 години, бидејќи по 35-тата година зачнувањето станува значително потешко.
Велчева посочува дека денес луѓето многу поотворено и побрзо бараат стручна помош и не го кријат проблемот, што е јасен знак за позитивна промена во општеството.
Кампањата, која се одвива под слоганот „Бугарија и Албанија – заедно за уште едно родено дете“, носи порака исполнета со надеж и човечност:
„Ние сме нивните нови пријатели – ако ја споделат со нас својата болка, ние ќе им ја вратиме во надеж.“
