Другари и другарки фала ви за гаќите
Секојдневно илјадници мажи и жени низ земјава работат напорно. И чесно. Прават најдобро што умеат и знаат да обезбедат достоинствен живот за себе, за своите семејства. Работат напорно да го одржат во живот “маалското дуќанче” оти друго немаат. Работат и работат. Плаќаат и претплаќаат. За се! Од приучени инспектори бегаат пазарџии, наставници, дуѓанџии… Внимавај ако немаш “возачка книшка”, внимавај да не запалиш цигара (добро, не секаде). Треба во секое време да имаш по еден два, изводи од Книгата на родените, две три државјанства, една лична карта, уверение за “нормалност” заверено на нотар а изготвено од адвокат. Благовремено најави се во Единствена матична евиденција, за не дај боже.
Уверение за положен Тест батерија? Секогаш во задниот џеб да си носиш. Можеби “другарите” сакаат да те вработат. По ѓаволите и со Никола Димитров и со Венко Филипче. Со Срѓан Керим, Мила Царовска и Бујар Османи заедно. Секако,и Кочо Анѓушев и Фамилијата. Преговараат, договараат, по ѓаволите со БДП и со странските инвестиции. Ги мачеле, ги сечеле, ги затварале и рекетирале. Бре, да видиш да не веруваш. Измачени како испосници, ама чавка на чавка не и вади очи. Секојдневно му се потсмеваат секому од нас. Де нема “законски механизам” Зоран Караџовски, де кандидатите во обвинителството масовно конкурирале со фалсификувани документи, де ова, де она…Па по правило следи серија средби со амбасадори, па серија папагалско повторување- НАТО, бла, бла…ЕУ…бла,бла…Правна држава…бла,бла,бла…
Секој од нас има морална обврска да не почитува лоши закони, како што има морална да ги почитува добрите. Тука почнува и завршува лојалноста кон “авторитетите” кои по правило се кријат зад “законите, расата, државата, верата, партијата, етничката припадност, патриотизмот…’’ Тука е поставена основата на слободата на секој еден човек.
Автор: Ѓорги Трендафилов