Желјазков: Системите во Бугарија се подготвени за воведување на еврото
Системите во Бугарија се целосно подготвени за воведувањето на еврото и постојат сите предуслови процесот да се одвива без потреси. Ова го изјави бугарскиот премиер Росен Желјазков во Благоевград, каде што учествуваше на дискусија во рамки на Националната информативна кампања за воведување на еврото, соопштија од владината прес-служба, пренесува БГНЕС.
Желјазков нагласи дека е клучно да има стабилност и дека владата прави сè за да ја обезбеди, решавајќи ги проблемите на бизнисот и на граѓаните. „Ќе вложиме максимални напори, вклучително и со стабилна парламентарна поддршка, за да создадеме сите предуслови за нормално функционирање на државата“, изјави премиерот. Тој додаде дека политичката дебата е важен коректив на политиките, но не смее да се претвори во цел сам за себе и да доведе до деструкција или институционална турбуленција.
Во новата геополитичка средина, според Желјазков, неопходни се политички одлуки кои гледаат напред, а не само реактивни мерки кон тековните проблеми. Тој истакна дека членството на Бугарија во еврозоната ќе придонесе за економски развој и благосостојба на граѓаните, а воедно претставува и последен чекор кон целосната европска интеграција. „Ние не прифаќаме туѓа валута, ја прифаќаме нашата европска валута, која ќе и овозможи на Бугарија да биде поцелосен учесник на единствениот европски пазар“, нагласи премиерот.
Како главни придобивки од воведувањето на еврото, Желјазков ги посочи стабилноста и предвидливоста, намалувањето на валутните ризици и пониските трошоци за трансакции – бенефит што директно ќе го почувствуваат сите кои активно тргуваат и учествуваат во стопанскиот промет. Дополнително, економската интеграција меѓу земјите членки ќе се засили, а разликите значително ќе се намалат.
Еврозоната, според премиерот, подобро ги штити своите членки од предизвици, овозможува финансиска дисциплина и претставува важен атестат за инвестиционата привлечност на земјата.

