Георгиев: Нарушувањето на воздушниот суверенитет е провокација, ЕУ без заеднички став за Блискиот Исток
Секое нарушување на воздушниот суверенитет или навлегување во воздушниот простор на која било држава може да се смета за провокација, изјави бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев, коментирајќи го навлегувањето на руски дронови во Полска. Тој нагласи дека не е во позиција да толкува што точно се случило, но ако Варшава решила да го активира членот 4 од НАТО, тоа значи дека располага со сигурни докази за сериозноста на ситуацијата, јавува БГНЕС.
Георгиев додаде дека засега сè уште нема усогласена европска позиција по израелските напади врз Катар.
Министерот предупреди и за растечката тензија во Појасот Газа, истакнувајќи дека особено загрижувачки е фактот што Хамас сè уште не ги ослободува заложниците. „Повикуваме за намалување на тензиите и барање мирни решенија, бидејќи сме сведоци на сериозно влошување на хуманитарната ситуација во Газа. Тревожи тоа што загинуваат невини, но исто така е вознемирувачко што Хамас не ги враќа заложниците, не го спушта оружјето и не се повлекува од управувањето со Газа, со што продолжува да ја провоцира ескалацијата“, изјави Георгиев, цитиран од државната телевизија.
Во своето обраќање, Георгиев изрази сочувство до американскиот народ поради смртта на 31-годишниот Чарли Кирк. „Тоа беше човек кој веруваше во вредностите, но загина на ужасен начин. Тој е пример кој треба да се следи кога зборуваме за принципи и морал“, нагласи бугарскиот министер.

