Специјалната комисија на Министерството за здравство веќе ги анализира сомнителните кардиохируршки интервенции
Формирана е специјална комисија со задача да ги разгледа сомнежите поврзани со кардиохируршките интервенции, информира министерот за здравство, Азир Алиу, во интервју за „Алсат-М“. Според соопштението на Министерството за здравство, комисијата досега се состанала трипати и ги анализирала првите осум пријавени случаи.
„На првиот состанок беше создадена методологијата на работа, а на следните состаноци ги анализиравме осумте случаи што ги имавме. Нема да дадам изјава сè додека не завршиме со анализата на секој случај,“ – изјави министерот Алиу.
Тој посочи дека финалниот извештај ќе биде јавно објавен на официјалната веб-страница на Министерството за здравство. Покрај домашната комисија, во анализата учествуваат и тројца меѓународни експерти од Словенија, Италија и Австрија, кои се очекува да присуствуваат на наредните состаноци.
„Извештајот на домашната комисија и оној на меѓународните експерти ќе послужат како основа за креирање на нови политики во областа на кардиологијата и кардиохирургијата. Задачата на комисијата е да ја прикаже реалноста – понатаму, надлежните институции ќе постапуваат согласно законот,“ – истакна министерот Алиу.
