|

Министерство за животна средина: Нема надминување на граничните вредности на PM₁₀ честички во Трубарево

Во периодот од 17 до 18 септември 2025 година, на мерното место во зоната на Трубарево биле спроведени индикативни мерења на суспендирани цврсти честички до 10 микрометри (PM₁₀), информира Министерството за животна средина и просторно планирање.

Мерењата се извршени со автоматскиот систем AMBICON RTM–PM, а за мониторинг бил користен инструмент ES-642, METONE, USA, сертифициран за индикативни мерења според MCERTS, UK.

Според резултатите, просечната концентрација на PM₁₀ изнесувала 10.9 µg/m³, максималната измерена вредност била 25.6 µg/m³, додека моменталната вредност изнесувала 16.5 µg/m³.

Од Министерството соопштуваат дека просечните концентрации се во рамките на дозволените граници и не е евидентирано надминување на граничните вредности. Концентрациите се движеле во рамките на 24-часовната гранична вредност за заштита на здравјето на луѓето, утврдена со Уредбата за гранични вредности за загадувачки супстанции во амбиентниот воздух.

Надлежното министерство најави дека ќе продолжи со редовно следење на состојбата и информирање на јавноста за квалитетот на воздухот.

Слични Објави