(Видео) Рибновската свадба е кандидат за впишување во УНЕСКО
Уникатната свадбена традиција во селото Рибново во околината на градот Гоце Делчев во Бугарија е кандидат за впишување во УНЕСКО. Свадбениот ритуал е познат и како Гелина и е сочуван со векови. Според познавачите, оваа свадба е единствена од ваков вид во светот бидејќи не е толку религиозна, туку е со пагански мотиви.
Во локалното читалиште во Рибново се одржа состанок на кој учествуваа градоначалникот, локалната власт, студенти, наставници, жители на село Рибново, претставници на верската заедница, јавни личности и стопанственици кои избраа иницијативен одбор. Тој ќе ги подготви документите за аплицирање во УНЕСКО.
Најкарактеристично за оваа свадба е цртањето на лицето на невестата – се нанесуваат креми и се лепат светкави украси. Свадбата трае два дена, а чеизот на невестата се вади на улица, буквално се прави декор од новиот дом на младоженците.
Свадбите вообично се прават во есен и зима, во моментов веќе започнаа рибновските свадби, а селото повторно е преполно со љубопитни новинари од целиот свет.
