ММФ: Следната година потребна политика на фискално затегнување во Бугарија
Раководителот на Експертската мисија на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Фабиан Борнхорст, изјави пред Комисијата за буџет и финансии на бугарскиот парламент дека за следната година фискалната политика на Бугарија треба да биде насочена кон затегнување на фискалната дисциплина, јавува БГНЕС.
Борнхорст нагласи дека земјата има три значајни постигнувања од почетокот на годината – усвојувањето на државниот буџет, предоговарањето на средствата од Планот за обнова и отпорност и претстојното приклучување кон еврозоната.
Според него, економијата на Бугарија моментално се развива многу добро, со очекуван годишен раст од околу 3%. Овој раст е поддржан од зголемената потрошувачка, порастот на доходите, релаксираната фискална политика и кредитната експанзија. Тој додаде дека невработеноста е на рекордно ниско ниво, што укажува на сериозно затегнување на пазарот на труд.
„Економијата во моментов се движи над својот потенцијал, што е еден од факторите за раст на инфлацијата“, истакна Борнхорст. Дополнително, растот на платите, особено на минималната плата која е врзана со просечната, придонесува за индексација на платите и во приватниот сектор.
Во контекст на подготовките за буџетот за 2026 година, тој посочи дека препораката на ММФ е да се идентификуваат мерки кои ќе доведат до намалување на јавните расходи за 1% од БДП, преку комбинација од приходи и расходи.
Како клучна насока, Борнхорст предложи поддршката да се пренасочи од потрошувачката кон инвестициите, со цел да се осигура долгорочна одржливост и стабилен економски раст.

