СДСМ бара одговорност за пожарите, граѓаните се трујат а неспособна власт ги лаже
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска на прес-конференција изјави дека граѓаните се соочуваат со труење и опасност по животот, додека, како што рече, „неспособната власт на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ги лаже и манипулира“.
Кузеска потсети дека Владата потврдила дека 400 пожарникари, кои беа најавувани за ПР кампања, сè уште не ја добиле ниту првата плата. „Изговорите дека допрва ќе се исплателе се празно оправдување и потценување на граѓаните“, рече таа, нагласувајќи дека младите луѓе со месеци се ангажирани во општините, но останале без никаква надокнада, а граѓаните – без вистинска заштита.
Според СДСМ, заедничко за сите овие случаи е „неспособноста на владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ“.
„Додека народот се гуши во канцерогени честички, додека депониите и понатаму горат, а 20% од територијата е изгорена, власта се занимава со лаги, манипулации и напади на опозицијата со измислени приказни за хибридни напади. Тоа се бројни калкулации и лаги за спасување на рејтингот на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, опасни по живот“, истакна Кузеска.
Таа предупреди дека граѓаните на Скопје дишеле олово, арсен и кадмиум по пожарот во Трубарево, додека владата молчела. „Наместо да алармира, да преземе итни мерки, да даде препораки и да организира евакуација, власта ги убедуваше граѓаните дека опасност нема. Лично Христијан Мицкоски тврдеше дека загадувањето на воздухот не е големо“, додаде портпаролката.
„Оваа власт е неспособна, измамничка и без чувство за одговорност. Време е да одговараат и за пожарите, и за еколошката катастрофа, и за лагите со кои ги излажаа граѓаните и пожарникарите“, порача СДСМ.
