|

ВМРО-ДПМНЕ: СДС и Филипче се единствената опасност за се што е добро во државата

ВМРО-ДПМНЕ реагираше на изјавите на СДСМ и портпаролката Богданка Кузеска, со порака дека опозицијата шири дезинформации и ја манипулира јавноста.

„Заврши времето кога работниците во државата СДС и ДУИ со месеци ги оставаа без плата. Тие ги оставија без плати со месеци вработените во АД Водостопанство и ЈП Македонски шуми. Тоа време заврши“, стои во реакцијата.

Од партијата нагласуваат дека наместо да ја пофали мерката за вработување на 400 пожарникари, СДСМ ја злоупотребува за политичка кампања.

„Фактите се дека ова е првпат во историјата на нашата држава да се имплементира мерка за вработување која целосно ги искористува расположливите ресурси, со цел да се заштитат граѓаните од природни катастрофи и да се подобри животната средина“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во врска со исплатата на учесниците во мерката, која е наведена како 6.2 во Оперативниот план и е наменета за заштита од пожари, од владејачката партија уверуваат дека средствата се обезбедени и дека не станува збор за никакво вонредно плаќање.

„Лицата кои се вклучени во мерката се ангажирани на 08.08.2025 година. Документацијата и извештајот за редовност за исплата од страна на организаторот се веќе во тек и ќе бидат испратени до Центрите за вработување, по што ќе следи и исплатата“, појаснуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во реакцијата се додава дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи во интерес на граѓаните, со цел да им обезбеди подобар животен стандард и поквалитетни услуги.

Слични Објави