Семејството на Теодора Ристовска разочарано од пресудата за сообраќајната несреќа
Семејството на починатата 22-годишна Теодора Ристовска преку јавно писмо остро реагира на одлуката на Апелациониот суд во Гостивар, со која е потврдена казната од две години затвор за Менсур Пајазити од Голема Речица. Тој е прогласен за виновен за сообраќајната несреќа од 15 август 2022 година во Тетово, кога со возило „БМВ“ не ѝ отстапил првенство на пешачка патека и ја усмртил Ристовска.
„Оваа пресуда е навреда за правдата и за нашата болка. Животот на Теодора не може да се сведе на толку блага казна. Наместо вистинска правда, добивме селективен систем кој создава уште поголема недоверба,“ стои во реакцијата на семејството.
Ристовски додаваат дека, иако понатамошната жалба до Врховниот суд зависи од Јавното обвинителство, тие нема да престанат да бараат одговорност и ќе продолжат јавно да ја истакнуваат неправдата. „Ние не бараме привилегии, туку фер и човечки однос. Кога виновникот е казнет непропорционално со загубата, виновен станува целиот систем,“ нагласуваат во писмото.
Пресудата од 7 април 2025 година потврди дека Пајазити ја признал вината на повторното судење и по изведување на доказите добил двегодишна затворска казна. Тоа е продолжение на сложен судски процес: првично беше осуден на три години и шест месеци, но казната потоа беше намалена од Апелација на две години, за подоцна Врховниот суд да ги укине двете одлуки и предметот да го врати на повторно разгледување.
Семејството на Теодора истакнува дека правдата мора да биде „видлива и вистинска“ и дека нејзината трагедија ќе остане вечна болка, но и потсетник дека жртвите не смеат да бидат оставени сами.
