СДСМ ја финализира резолуцијата за „црвените линии“ – документот денеска ќе биде објавен
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска ќе ја претстави драфт верзијата на резолуцијата за „црвените линии“ и преговорите со Европската унија. Тој потврди дека документот е завршен и објасни зошто неговото објавување се пролонгираше.
„Беа направени консултации со многу експерти од делот на правото и меѓународното право,“ изјави Филипче, додавајќи дека станува збор за работна верзија што ќе биде достапна за јавна и политичка дебата.
Резолуцијата, според најавите, треба да претставува основа за национален консензус. „Решението нема да биде ни наметнато, ни затворено,“ рече Филипче, потенцирајќи дека целта е вклучување на поширок круг на општествени чинители во процесот.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, неколкупати порача дека го очекува документот, но изрази сомнеж во кредибилитетот на СДСМ. „Проблемот е што Филипче и оваа гарнитура на СДСМ го загубија кредибилитетот да зборуваат за црвени линии, откако претходно немаа црвена линија што не ја пречкртаа,“ изјави тој.

