Приведен осомничен за напад со нож во центарот на Скопје
На 8 октомври 2025 година, околу 22:05 часот, на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, полициски службеници од Полициската станица Центар го лишија од слобода Д.С. (23) од Скопје. Тој се сомничи дека непосредно пред приведувањето, во близина на Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ и на булеварот „Гоце Делчев“, под Стоковната куќа „Мост“, физички го нападнал Т.К. (33) од село Долно Соње, општина Сопиште.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, осомничениот при нападот употребил нож, со кој му нанел убодни рани на оштетениот.
Ножот бил пронајден и одземен од страна на полициските службеници, а лицето е задржано во полициска станица. По целосно документирање на случајот и во координација со јавен обвинител, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
