|

ВМРО-ДПМНЕ: Општина Бутел доживеа инфраструктурен бум, Костовски реализирал над 90% од програмата

Општина Бутел во изминатите четири години доживеала вистински инфраструктурен подем, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, актуелниот градоначалник Дарко Костовски реализирал над 90 проценти од својата изборна програма, а покрај тоа, биле реализирани и повеќе од 70 дополнителни проекти кои не биле предвидени во програмата.

„Ова само покажува дека Костовски ги слуша барањата на граѓаните и работи во нивен интерес“, се вели во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Општина Бутел мора да продолжи да се гради и развива во модерна и урбана општина. Во програмата за претстојните локални избори предвидена е изградба на две нови основни училишта во Љубанци и Љуботен, како и изградба на прва инклузивна детска градинка со капацитет од 120 деца, дополнително и две нови градинки во Радишани и Визбегово.

Меѓу останатите проекти, најавени се и нови мега паркови, кружен тек на улицата „Бутелска“ со улицата „Александар Урдаревски“ со цел намалување на сообраќајниот метеж, изградба на затворен пливачки базен во дворот на ООУ „Св. Климент Охридски“, асфалтирање на улици, изградба на противпожарен пункт и нов пазар во населбата Радишани.

„За сето ова да се реализира, потребна е поддршката од граѓаните на 19 октомври да го дадат својот глас за број 9, за Дарко Костовски и советничката листа предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, стои во соопштението.

Од партијата порачуваат дека Бутелчани заслужуваат подобра иднина и дека „посветеноста и домаќинското работење носат резултати“, додавајќи дека вистинскиот избор е број 9 – „за твојот човек, твоето место и твојата иднина“.

Слични Објави