Бугарија го поздрави договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас
Бугарија го поздравува постигнувањето на спогодбата за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, која може да биде прв чекор кон траен мир и безбедност во регионот, соопшти Министерството за надворешни работи на Република Бугарија во официјална позиција, пренесува БГНЕС.
По речиси две години на жестоки вооружени судири меѓу Израел и палестинската организација Хамас, државите посредници објавија дека е постигнат договор за првата фаза на примирје во Газа.
Од бугарското МНР истакнаа дека високо го ценат лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп и неговата активна улога во процесот, како и посредничките напори на Египет, Катар и Турција.
„Дипломатијата е единствениот пат кон вистинско решение,“ се вели во позицијата на министерството.
Од МНР нагласуваат дека е од клучно значење првата фаза од мировниот план за Газа да се спроведе без одлагање, што би донело олеснување за семејствата на заложниците и би ги намалило страдањата на луѓето во појасот Газа.
„Нашите мисли се со заложниците и нивните семејства, вклучително и со семејствата на бугарските државјани Матан Ангрест и Сахар Барух,“ се додава во соопштението.
Бугарија останува ангажирана во меѓународните напори за постигнување на одржливо и мирно решение на конфликтот на Блискиот Исток.
„Гледаме со оптимизам кон една посветла иднина за регионот, вклучувајќи ја стабилизацијата на Појасот Газа и подобрувањето на животот на неговите жители, преку идно управување без учество на Хамас,“ завршува официјалната позиција на бугарското Министерство за надворешни работи.

